Трите дневни весници Дневник, Утрински весник и Вест, како и Теа модерна и печатницата Графички центар Скопје од вчера имаат нови сопственици. Новиот газда е компанијата Орка Холдинг која вчера и официјално го потпиша купопродажниот договор за преземање на медиумската групација Медиа Принт Македонија од австриската компанија Ост Холдинг, членка на ВАЦ групацијата. Дел од групацијата Медиа Принт Македонија се и друштвата Круг, Огледало и Планет прес. Според Срѓан Керим, управител на Медиа Принт Македонија, Орка Холдинг и Ост Холдинг шест месеци ги подготвуваа и усогласија сите елементи од купопродажниот договор за преземање на Медиа Принт од страна на Орка Холдинг.
Трите дневни весници Дневник, Утрински весник и Вест, како и Теа модерна и печатницата Графички центар Скопје од вчера имаат нови сопственици.
Новиот газда е компанијата Орка Холдинг која вчера и официјално го потпиша купопродажниот договор за преземање на медиумската групација Медиа Принт Македонија од австриската компанија Ост Холдинг, членка на ВАЦ групацијата. Дел од групацијата Медиа Принт Македонија се и друштвата Круг, Огледало и Планет прес.
Според Срѓан Керим, управител на Медиа Принт Македонија, Орка Холдинг и Ост Холдинг шест месеци ги подготвуваа и усогласија сите елементи од купопродажниот договор за преземање на Медиа Принт од страна на Орка Холдинг.
- По речиси девет години во Медиа Принт Македонија се смени сопственикот, а со тоа се отворија нови можности за развој и просперитет на компанијата која е најголем издавач на печатени медиуми во Македонија со 600 вработени - посочи Керим. Според него, работењето на ВАЦ е предадено на една компанија која ги почитува европските стандарди, но која ќе продолжи со доброто и стабилно финансиско работење како основа за слободни и независни медиуми.
Тој посочи дека останува во компанијата бидејќи верува во Јордан Камчев кој, според она што го има создадено во Македонија, е најголемата гаранција за успешност во бизнисот.
Извршниот директор на Орка Холдинг, Јордан Камчев, укажа дека визијата на Орка Холдинг е континуирано инвестирање во квалитет, иновација и професионалност.
- Новиот статус на Медиа Принт Македонија, како членка на холдингот ќе значи функционирање на компанијата на досегашниот препознатлив начин, но притоа да се одржи довербата на читателите. Нашите стратешки определби и развојни планови се однесуваат на подигнување на квалитетот и одржување стабилна позиција на пазарот на весниците. Ќе се задржи постоечкиот број на вработени, но ќе се вработат и нови кадри, ќе се воведат нови новинарски продукти - кажа Камчев и додаде дека целта е да се зголеми тиражот на веќе докажаните брендови, притоа тие да ја задржат својата независна политика и да го продолжат професионалниот пристап. Колку тежи деловниот договор Камчев не сакаше да обелодени, посочувајќи дека тоа е деловна тајна.
За Урлих Хелшер, претставник на компанијата ВАЦ, продажбата на Медиа Принт е генерална политика на ВАЦ, односно повлекување на пазарите од Југоисточна Европа. Според него, тоа има врска и со регионалната финансиска криза, а од друга страна е специјалното искуство во Србија.
- Но тоа не важи за Македонија, ние имавме активна соработка и позитивно искуство со д-р Керим - посочи Хелшер.